Очекуван ритерн: Карлеуша жестоко го нападна Ѓоковиќ за „пумпањето“ на Вимблдон!

Пејачката Јелена Карлеуша жестоко го нападна тенисерот Новак Ѓоковиќ поради неговиот гест по победата на Вимблдон, кој го протолкува како поддршка на студентските протести во Србија.

Популарниот Ноле по триумфот во првото коло против Александар Мулер направи симболичен гест кон публиката, симулирајќи движење на „пумпање“, што многумина го поврзаа со заштитниот знак на студентската побуна, која почна по трагедијата во Нови Сад, каде што пад на надстрешница предизвика смрт на 16 лица. Карлеуша, која важи за голем поддржувач на претседателот Александар Вучиќ, реагираше со објава на социјалните мрежи во која, иако не го спомена Ѓоковиќ по име, јасно е дека токму нему му се обраќа.

„Спортист кој меша политика во спортот не е спортист. Спортист кој поддржува насилство и беззаконие во сопствената земја не е спортист. Оној што ја користи својата популарност за да ги поттикнува другите деца да не одат на училиште, додека неговите одат во приватно – не е добар човек. Да се биде добар во спорт не значи и да се биде добар човек“, напиша Карлеуша.

Во саботата, во Белград се одржаа големи граѓански протести кои завршија со судири меѓу полицијата и демонстрантите. Слични протести и блокади продолжуваат во повеќе градови низ Србија, како реакција на однесувањето на властите. Ѓоковиќ, пак, на прес-конференцијата по натпреварот, изјави дека гестот имал лично значење.

„Тоа е меѓу мене и моите деца. Имаме две песни кои често ги слушаме и разговаравме дека оваа кореографија може да биде симболична прослава за секоја победа на Вимблдон“, изјави тој.