Расел за Ферстапен: Треба да биде суспендиран!

Џорџ Расел смета дека Макс Ферстапен би требало да биде суспендиран на една трка поради како што вели „неодговорно и опасно возење“.

Иако претходно изјави дека возачот на Ред Бул намерно го удрил на трката за Големата награда на Шпанија, британскиот возач, сега ја ублажи изјавата велејќи дека Холанѓанецот сепак можеби немал таква намера.

Ферстапен за инцидентот во Шпанија беше казнет со временска казна и три казнени бода со што неговиот вкупен број на бодови на воачката лиценца се зголеми на 11. Доколку овој викенд на Големата награда на Канада добие уште еден, тогаш би бил автоматски суспендиран за следната трка.

„Ако дојде до 12 бодови забраната не би била неправедна. На крајот тие бодови и за тоа се вовеени. Доколку констано возиш неодговорно, собираш бодови и на крајот си казнет со забрана. Се е во твои раце, но не без ризик. На таа трка се обиде да ме истурка од патеката. Не мислам дека сакаше да ме удри, можеби само да ме заплаши, но лошо процени. Не успеа да ме преплаши, само ме изненади со реакцијата“, заклучи возачот на Мерцедес.