
ТФТ пружи (по)силен отпор, ама МЗТ е на само чекор до уште една титула (ФОТО)
Составот од скопско Тафталиџе овој пат пружи далеку посилен отпор во однос на првата средба пред неколку дена во која беше декласиран. Популарната Тафта овој пат беше рамноправен противник цело прво полувреме, во кое во неколку наврати ја имаше предноста, додека аеродромци делумно изненадени не можеа да го пронајдат посакуваниот ритам. Но, работите дојдоа на место во третиот период, во кој „металците“ со 11 поени во низа првпат дојдоа до двоцифрена предност (56-46), која им гарантирашен мирен продолжеток од средбата.
Тимот предводен од Васко Атанасов имаше слична серија и во последната четвртина, кога со 10 поени во низа дојде до највисоките на мечот плус 16 (78-62) со што го реши прашањето околу победникот. Ритамот потоа спласна, а гостите со исклучително агресивна одбрана успеаја на крајот на дојдат и до прифатлива негатива.
Дион Едвин со 25 поени и шест скока беше убедливо најдобар во тимот на МЗТ, додека Бојан Крстевски постигна 17 поени, а Војдан Стојановски и Андреј Маслинко додадоа со 13 односно 11 поени. Закари Браун со 25 поени беше најпрецизен кај ТФТ.
Третиот меч во кој актуелниот првак ќе ја има и првата меч-топка за нова титула ќе се одигра в четврток, овој пат на теренот на ТФТ во СРЦ „Кале“.