Милојевиќ: Средбата со Вардар буди носталгија – време е за нова југословенска лига!

Тренерот на Црвена звезда, Владан Милојевиќ, изрази силна желба за обнова на регионална фудбалска лига меѓу клубовите од поранешна Југославија, искажана по синоќешниот хуманитарен натпревар во Скопје, каде неговиот тим го совлада Вардар (3-1).

Тој потенцира дека оваа средба пробудила носталгија кај него.

„Сите ја носиме таа идеја во себе и верувам дека многумина би сакале повторно да видиме регионална лига. Јас лично гледав некои од тие натпревари, мојот брат играше за Црвена звезда, а и Вардар ми е добро познат клуб. Оваа средба буди многу емоции и носталгија“, изјави Милојевиќ по натпреварот, потенцирајќи ја блискоста и ривалитетот меѓу клубовите од Балканот.

Натпреварот во Скопје се одигра со хуманитарна цел – во чест на жртвите од трагедијата во Кочани. На националната арена „Тоше Проески“, по 30 години, белградскиот гигант повторно се соочи со македонскиот великан Вардар, во атмосфера полна со емоции и симболика.

„Сакам да изразам сочувство до семејствата на загинатите и да се заблагодарам на сите што го поддржаа овој настан. Голема благодарност до нашата управа која го прифати предлогот на легендите Дарко Панчев и Илија Најдоски“, додаде Милојевиќ.

Тој се осврна и на моменталната состојба на Вардар.

„Клубот поминува низ тежок период, но има навивачи, има традиција и полека се враќа. Вакви натпревари покажуваат колку овој регион има фудбалска душа“, дополни тренерот на црвено-белите.

Иако не сакаше да шпекулира дали и кога би се реализирала идејата за регионална лига, Милојевиќ беше дециден.

„Тоа не зависи од мене, но јас сум за. Ваков тип на натпревари се вистинско освежување и сеќавање на едно посебно фудбалско време“, заврши тој.