Крај на серијата на Партизан, Париз без Шортс потклекна пред Реал

Без петмина кошаркари во составот, екипата на Партизан доживеа пораз на домашен терен од Асвел до 79-82 и со тоа стави крај на серијата од пет победи во Евролигата.

Мечот во Белград го одбележаа големите резултатски осцилации. Асвел водеше речиси цело прво полувреме и имаше +9, Партизан во третиот период направи пресврт и исто така поведе со девет разлика, но францускиот тим во последната четвртина повторно ја презедеа предност и не ја испушти до крајот. Во драматичниот финиш „црно-белите“ направија премногу грешки што со лимитираниот ростер поради повреди и болести на кошаркарите беше пресудно за нивниот прв пораз по долга пауза.

Париз влезе во мала криза и вечерва го претрпе вториот пораз во низа откако загуби пред своите навивачи од Реал со 85-96. И лидерот на табелата имаше проблеми со болни играчи, меѓу другите не играше ни Ти Џеј Шортс, но и во такви услови Париз се држеше до самиот крај. На околу четири минути пред крајот беше 80-83 по што Реал ја направи клучната серија од 13-5 за крај на серијата од три порази во Евролигата.

Поради поразот на Париз, првото место на табелата го презеде Монако, но двете екипи имаат идентичен биланс (11/5).

РЕЗУЛТАТИ
Монако - Баерн 93-74
Макаби - Басконија 85-95
Панатинаикос - Олимпија Милано 103-74
Барселона - Фенербахче 90-63
Париз - Реал 85-96
Алба - Жалгирис 66-86
Партизан - Асвел 79-82