Место нов формат, апсолутна катастрофа: НБА тотално го уништи Ол стар натпреварот

НБА и Здружението на професионални кошаркари денеска го објавија новиот формат на Ол стар натпревар по кој ќе се игра веќе на следното издание во февруари.

За љубителите на кошарката ова е уште една голема глупост на НБА која сакајќи да ја зголеми популарноста на ревијалното издание, направи уште поголема катастрофа. Место две екипи со по 12 кошаркари, на претстојното издание на Ол стар натпревар ќе се борат четири екипи со по осум кошаркари и ќе се играат вкупно три меча.

Избраните 24 кошаркари ќе бидат поделени во три екипи, а четвртата ќе биде победникот од дуелот на ѕвезди во подем. Во улога на тренери ќе бидат Чарлс Баркли, Шекил Онил, Кени Смит и Кендис Паркер. Првите тројца ќе ги селектираат, односно ќе си ги поделат играчите што ќе бидат избрани од фановите, а Паркер ќе ја води екипата на ѕвезди во подем.

По пат на ждрепка, екипите ќе се поделат во полуфинални двојки, а победниците ќе играат во финале. Победник е тимот кој прв ќе стигне до 40 поени. Единственото што вреди од сево ова се паричните награди бидејќи екипите ќе се борат за награден фонд од 1,8 милиони долари. Секој играч од победничкиот тим ќе добие по 125 илјади, второпласираните по 50 илјади, а од поразените во полуфиналето по 25 илјади долари.

Гласањето за учесниците на Ол стар натпреварот ќе почне на 19 декемри во 10 часот по њујоршко време, а ќе заврши на 20 јануари на полноќ. Ол стар натпреварот во 2025 година ќе се одржи на 16 февруари во Сан Франциско.