Ѓоковиќ сериозно се подготвува за следната сезона - ќе игра пред Австралија Опен
Откако синоќа присуствуваше на кошаркарскиот натпревар меѓу Црвена Звезда и Алба, српскиот ас објави какви му се плановите за претстојната сезона во која би се обидел да се врати на врвот на АТП листата и да освои уште некој Гренд слем трофеј.
„Тенисот и натаму ми е во фокусот. Одиме сега одново на максимални подготовки, ми беше потребно малку да се освежам по оваа година. Ќе играм во првата недела од сезоната, но се уште не сум одлучил каде“, откри Ѓоковиќ.
Ова значи дека тој со настап на турнир ќе се подготвува за учеството на Австралија опен кој стартува на 12 јануари. Такво нешто не се случи оваа година која ја стартуваше со Јунајтед купот, но тоа е тимско натпреварување и повеќе од ревијален карактер иако и таму се доделуваат бодови. Пред првиот Гренд слем во 2025, се одржуваат турнири во Бризбејн од 30 декември до 5 јануари и во Аделејд и Окленд од 6 до 11 јануари. На Австралија Опен, Ѓоковиќ ќе влезе многу послабо пласиран од неговото последно учество што значи дека би можел да се сретне со Синер или Алкараз во осминафиналето или четвртфиналето.