Тука завршува бајката: Големиот Надал објави крај на кариерата!

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Рафаел Надал официјално објави крај на својата играчка кариера.

Преку видео објавено на социјалните мрежи, тој соопшти дека тука завршува неговата тениска бајка и дека во иднина ќе биде само гледач.

„Здраво на сите, тука сум за да ви кажам дека се повлекувам од професионалниот тенис. Реалноста е дека имав многу потешкотии последните години и не бев во можност да играм на највисоко ниво. Очигледно ова е тешка одлука, но морав да ја донесам бидејќи се во животот има почеток и крај“, рече 38-годишниот Надал, заблагодарувајќи им се на своето семејство, сопругата и ривалите за се што помина во претходните повеќе од две децении.

Резултатите кои ги оствари во текот на кариерата, го прават Шпанецот легенда не само во тенисот, туку и во професионалниот спорт воопшто. Освои 22 Гренд слема, четири титули во Дејвис купот, 36 Мастерс турнири и вкупно 92 трофеи на АТП турнирите, има злато од Олимписките игри во Пекинг и помина 209 недели на првото место на АТП листата. На челната позиција застана на 22-годишна возраст, а последен пат беше на свои 33 години. Меѓу другото, негов е рекордот по бројот на освоени титули на еден Гренд слем турнир, со 14 на „Ролан Гарос“, достигнување кое тешко дека некој ќе успее да го повтори. Триумфираше на сите четири Гренд слем турнири, а ќе се памтат неговите епски битки со најголемите ривали.

Со пензионирањето на Надал, Новак Ѓоковиќ останува последен активен играч од „големата тројка“ која повеќе од една деценија доминираше на тениските терени и одбележа една ера во „белиот спорт“. Во 2022 година се повлече и Роџер Федерер кој исто така има огромни заслуги за популаризацијата на тенисот низ светот.