Пјастри најбрз низ улиците на Баку, Мекларен го симна Ред Бул од врвот
До триумфот, австралискиот возач стигна и покрај тоа што беше далеку од челната линија на стартот. Веќе во првиот круг напредуваше за три позиции, можеше да избие и на првото место, но Леклер го одби неговиот напад и сигурно ја чуваше својата предност.
До промена на челната позиција дојде при првата посета на питстопот, на Леклер не му дојдоа добро тврдите гуми и Пјастри го искористи тоа за да избие на чело. Последните 30-тина круга се водеше голема борба меѓу Пјастри, Леклер и Расел, но Австралиецот го издржа притисокот, на два круга пред крајот избега на три секунди предност, од помош му беше судирот меѓу Перез и Саинс по што на патеката влезе безбедносно возило и крајот на трката беше само формалност.
Актуелниот светски шампион Макс Ферстапен имаше уште една трка за заборав и го освои петтото место, но профитираше за две позиции поради спомнатиот судир на Перез и Саинс, па на крајот освои 10 бода. Пред него заврши Норис, па разликата меѓу нив и натаму е огромна и изнесува 59 бода. Сепак, алармантно е тоа што Ферстапен веќе седум трки нема победа и во нив само два пати стигна до подиумот, а до крајот на сезоната има уште седум.
До промена дојде во генералниот пласман во конкуренција на конструктори бидејќи сега на првото место е Мекларен иако британскиот тим неодамна заостануваше над 100 бода во однос на Ред Бул кој сега е второпласиран.