Балканско класико во Париз: Хрватска против Србија по златото во ватерполо

Репрезентацијата на Хрватска е втор финалист во ватерполо турнирот на Олимписките игри во Париз откако денеска ја совлада Унгарија со 9-8.

Пресудна за победата на „баракудите“ беше втората четвртина која ја добија со 4-2 и таа беше единствена во која беа подобри од противникот. Најзаслужни за триумфот беа Лорен Фатовиќ кој постигна пет гола и голманот Марко Бијач со 10 одбрани, па Хрватска стигна до победата и покрај тоа што во последната четвртина не ја затресе противничката мрежа.

Противник на Хрватска во финалето ќе ѝ биде репрезентацијата на Србија која е бранител на титулата и освојувач на златото од последните две олимписки игри. Тоа ќе биде второ финале на оваа манифестација во која ќе се сретнат поранешните братски републики откако се сретнаа и во мечот за титулата и пред осум години во Рио де Жанеиро и тогаш славеа Србите со 11-7. Финалето се игра в недела од 14 часот.