Леброн ги спаси Американците од тешка бламажа
Малку недостасуваше африканската селекција да направи сензација на овој меч бидејќи првото полувреме го заврши со предност од 14 разлика, а на 20 секунди пред крајот водеше со 100-99. Бламажа на Американците спречи Леброн Џејмс со кош во последниот напад на САД. Јужен Судан имаше шанса, сепак, да триумфира, но двата обида во финишот не беа прецизни..
Се чинеше дека САД ќе дојдат до лесна победа по серијата од 18-0 пред крајот на третата и почетокот на последната четвртина кога го презедоа водството и изгледаше дека се максимално разиграни. Имаа и +7 на помалку од две минути пред крајот, но му дозволија на противникот да постигне осум поени по ред и да дојде на чекор до победата. Во клучните моменти Леброн стапи на сцена, премногу лесно го мина својот чувар и постигна кош за триумф.
Тој беше и најдобар играч на Американците со 23 поени, 6 скока и 6 асистенции, а веднаш зад него беше соиграчот од Лејкерс, Ентони Дејвис со 15 поени и 11 скока. На спротивната страна блесна новиот плејмејкер на Партизан, Карлик Џонс кој оствари трипл дабл со 15 поени, 11 скока и 11 асистенции.
Интересно е тоа што САД и Јужен Судан се во иста група на Олимписките игри, заедно со Србија и Порторико. Американците претходно ќе се сретнат уште со Германија, во генералната проба пред заминувањето за Франција.