Владата ја реши дилемата: Македонија-Шпанија ќе се игра пред полни трибини!

Владата на денешната седница, очекувано, прогласи тридневна жалост поради ужасната автобуска несреќа во Бугарија во која загинаа најмалку 46 македонски државјани, почнувајќи од денеска до четврток, што значи дека кошаркарскиот спектакл помеѓу Македонија и Шпанија ќе се одигра како и што беше планирано – пред публика.

Претпладнево, веднаш по информацијата за големата трагедија, се јави дилема дали стартниот дуел од квалификациите за СП 2023 ќе мора да се игра пред празни трибини, што ќе беше случај ако деновите на жалост почнуваа од утре до петок. Но, владината одлука официјалната тага во државата да почне денеска и да трае до четврток, автоматски значи и нормално одигрување на кошаркарскиот дуел против актуелниот светски првак.

Билетите веќе се пред целосна распродажба, со оглед што во моментов во продажба се останати не повеќе од 400 влезници. Средбата се игра в петок во салата „Јане Сандански“ со почеток од 19.30 часот, а дозволено ќе биде пополнување на 50-отсто од капацитетот според безбедносните мерки за заштита од пандемијата со коронавирусот. Влез ќе биде дозволен само на целосно вакцинираните лица и на тие што прележале Ковид-19 во последните 45 дена.