Тодоров: Тестот со Гостивар корисен, видов до каде сме и што треба да се - исправи!

Македонската кошаркарска репрезентација влегува во завршната фаза од подготовките за првите два меча од квалификациите за ЕП 2021, кои во февруарскиот прозорец на ФИБА ќе го одиграме дома со Естонија (20 февруари) и на гости со Русија (23 февруари), во која селекторот Александар Тодоров ќе знае на што повеќе ќе треба да работи благодарение на синоќешната контрола против Гостивар.

Тоа беше пресметка од затворен тип, без резултат или други детали од натпреварот, барем не ѐа јавноста, но за стручниот штаб на жолто-црвените тоа беше одлична можност да ги види моментните можности на 15-те кандидати за дресот со национални обележја.

„Со оглед на зафатеноста на репрезентациите во нашето опкружување, се решивме за контрола со Гостивар, кој има тим кој може идеално да парира. Сето ова може да го оценам како корисен тест, во кој можев да видам до каде сме, до кое ниво на подготвеност сме пред оваа недела и тоа како важна за сите нас. Информациите ги задржуваме за себе, во насока на финалниот дел од подготовките. Имаме уште неколку денови за тренинг пред нас, кои ќе ги искористиме максимално. Видовме што и како би можело да изгледа сето тоа за она што следува во четврток, односно недела. Ќе анализираме заедно со моите соработници. Ќе се обидеме да направиме корекции во оние делови каде сметаме дека тоа може да биде и подобро. Сѐ во насока максимално подготвени да ги дочекаме дуелите со Естонија и со Русија“, вели Тодоров.

Македонија е во групата Б во која е уште и Италија, која како домаќин на следниот континентален собир игра вон конкуренција. Тоа значи дека претстојните два дуели се од исклучителна важност за нашиот тим, со оглед што токму против поранешните советски републики ќе водиме директна битка за преостанатите две места кои водат на ЕП 2021.

Мечот против Естонија се игра в четврток во салата „Борис Трајковски“ со почеток од 20.15 часот.