Македонија првпат по 15 години ќе игра исклучиво на – домашен погон?!

Кошаркарската репрезентација на Македонија за две недели ќе го почне настапот во првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година каде што за првпат по повеќе од една ипол деценија ќе игра исклучиво на – домашен погон.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Официјален список со играчи кои ќе ги почнат подготовките за дуелите со Словачка на гости (23 ноември) и Швајцарија дома (26 ноември) сѐ уште нема, но, според информациите до кои дојдовме, селекторот Јорданчо Давитков на располагање ќе нема ниту еден натурализиран кошаркар. Причина за тоа не е желбата на претседателот на МКФ, Петар Наумоски, да го исполни предизборното ветување за отстранување на странците од националниот тим, туку немањето избор во ситуација кога евролигашките екипи не ги пуштаат своите играчои да играат во ноемврискиот репрезентативен прозорец.

Поради тоа отпадна последниот американски Македонец, Џордан Теодор, а останатите кошаркари од САД кои имаат наш пасош подолг период се без клуб и се надвор од тренажен процес. Тоа најмногу се однесува за Ричард Хендрикс и Лестер Бо Мекејлеб, со напомена дека Куќата на кошарката сѐ уште не се откажала од јунакот од ЕП 2011 кого и понатаму се обидуваат да го убедат да дојде во Скопје и да помогне колку што може. Но, шансите за тоа во моментов се помали и од минимални, бидејќи, според нашите информации, МКФ има проблем дури и само да стапи во телефонски контакт со Мекејлеб.

Последен пат жолто-црвените без странски кошаркар во тимот играа во квалификациите за ЕП 2001 година во Турција, додека во следните 15-тина години постојано имавме натурализиран играч во составот. Прв беше Србинот Слободан Шљиванчанин, додека сите останати беа Американци. Досега, вкупно 10 странци играле официјални мечеви за Македонија, а убедливо најмногу одиграни средби има Мекејлеб и тоа вкупно 25.

Сето ова го става, пак Давитков во уште потешка ситуација особено ако се знае дека Словаците драстично се засилија периодов и тоа со Кајл Курич, американски кошаркар со огромно европски искуство кој сега игра во Зенит, а кој ќе игра како Словак што им остава простор за уште еден натурализиран играч во тимот. Македонскиот селектор сигурно нема да може на смета на повредениот Предраг Самарџиски, а најава за отсуство поради повреда има и од уште неколку други потенцијални носители на играта.

Подготовките почнуваат на 19 ноември во салата „Јане Сандански“ во Скопје.