Преслушана е и Романија: Кадетите се на само мал чекор до европскиот рај!

Македонската кадетска репрезентација е на само мал чекор до пласман во елитната конкуренција во својата возрасна категорија, откако вечерва, по голема борба, ја совладаа Романија (74-71) во последниот четвртфинален меч на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Сараево.

Поголемиот број постигнати тројки (8-3) и доминацијата во скокот (45-36) беше главната причина што жолто-црвените обезбедија виза меѓу четирите најдобри на шампионатот, како и смиреноста во клучните моменти кога противникот сериозно се закани со пресврт. Тоа воедно значи и две шанси да се дојде до рајот, со оглед што промоција обезбедуваат трите најдобри селекции. Наш утрешен противник е селекцијата на БиХ, меч во кој со победа сме сигурен патник во А-дивизијата, а ако загубиме ќе имаме шанса за поправен против поразениот од вториот полуфинален дуел помеѓу Русија и Чешка.

Избраниците на селекторот Александар Јованчев добија шанса да бидат првата македонска селекција во младинските категории што по дури 12 години пауза ќе не внесе во повисок ранг. Единствен пат досега тоа го направи генерацијата на Предраг Самарџиски и браќата Војдан и Дамјан Стојановски во веќе далечната 2006 година во младинска конкуренција.

Марко Миловановиќ со 21 поен и 12 скока одново беше најдобар во нашиот тим, Богдан Мирковски исто така имаше дабл-дабл ефект со 17 поени и 11 скока додека Андреј Андоноски средбната ја заврши со 16 поени.

Утрешното полуфинале против домаќинот БиХ го играме со почеток од 18.45 минути, а последниот дуел е на програмата в сабота.