„Прерано е да почнеме да се радуваме - уште ништо не е готово!“

Без разлика што во МЗТ Скопје и не добива преголема минутажа на средбите од АБА-лигата, Дамјан Робев вечерва беше стартер на мечот на Македонија против Норвешка (58-36) и во 15-тината минути на паркетот даде голем придонес во убедливата и ептен значајна победа во претквалификациите за ЕП 2025.

Веќе искусниот бек беше одличен во одбраната, која дефинитивно ја донесе вечерашната победа во Гевгелија.

„Имавме доволно време за подготовка за оваа средба и тоа многу ни помогна. Ростерот е речиси ист, плус Шортс, кој одлично се вклопи. Одигравме на високо ниво, ја спуштивме Норвешка под 40 поени, што мислам дека не се случува така често во европската кошарка. Успеавме да ја сопреме нивната транзиција, од која постигнуваа многу поени досега. Но, прерано е да почнеме да се радуваме, уште ништо не е завршено. Пред нас се уште три натпревари на кои се надевам дека ќе играме на ова ниво“, изјави Робев на прес-конференцијата по средбата.

Кошаркарот на МЗТ Скопје мечот го заврши со три поени и пет скока.