Ништо ново од женската кошаркарска репрезентација на Македонија, која вечерва претрпе уште еден катастрофален пораз во квалификациите за ЕП 2021 и тоа на домашен терен од селекцијата на Летонија со огромни 59 поени разлика (98-39).

Дебаклот беше најавен уште во првата четвртина, во која нашите девојки ги промашија првите 14 шута кон противничкиот кош и првите поени од игра ги постигнаа дури во осмата минута. Летонките играа агресивно по целиот терен, што им донесе плус 21 (25-4) и решавање на прашањето околу победникот. Жолто-црвените единствено во третиот период личеа на селекција која заслужила да се најде во едно вакво реномирано друштво, со 19 постигнати поени што беше речиси идентично на реализацијата во останатите три периоди заедно.

Илина Селцова со само 17 години беше најефикасна во нашиот тим со 11 поени, а со тоа и единствена со двоцифрена реализација. Зад неа беше Ивана Кметовска со осум поени. Противникот и овој пат, како и пред три дена кога игравме против Германија, имаше речиси двојно повеќе скокови од бројот на поени на нашата селекција (60-39).

Македонија по првите две кола е убедливо последна во групата во која се уште и Хрватска и Германија. Наш следен противник е Хрватска на која ќе ѝ гостуваме точно по една година, односно на 12 ноември 2020 година.