Младинците со фантастичен финиш ја легнаа на колена Белорусија!

Со фанатастична игра во последните четири минути, младинските кошаркарски репрезентативци на Македонија вечерва ја совладаа незгодната Белорусија (84-77) за втора победа на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Софија.

Жолто-црвените имаа негатива од шест поени (65-71) пред да се влезе во финишот од овој меч, но потоа експлодиграа и постигнаа дури 19 поени за само 200 секунди што беше повеќе од доволно да се дојде до триумфот кој им го донесе третото место во групата А. Дотогаш, средбата беше максимално изедначена, за што најдобро говори фактот што секоја од првите три четвртини заврши со предност од само еден поен на противничкиот тим (21-22, 18-19, 12-13). Но, избраниците на селекторот Никола Василев последниот период го добија со 33-23 доволно за продолжување на победничката низа, откако вчера беше победен Азербејџан.

Виктор Ефремовски и Ранко Мамузиќ со по 19 поени беа најпрецизни во репрезентацијата за кошаркари до 20 години, додека Павле Михајлоски постигна 12 поени.

Македонија со ова само го потврди настапот за пласман од 9-16 место на второлигашкото ЕП, каде што задутре ќе ги одмерат силите со Албанија, а потоа, во зависност од резултатот на овој меч, ќе играат за пласман со победникот или поразениот од пресметката помеѓу Грузија и Унгарија.