Кошаркарките ги почнуваат квалификациите за ЕП со желба да не се – посрамотат! (ВИДЕО)

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва, во баварското гратче Нердлинген, против Германија (19 часот) ќе го почне циклусот квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) 2021 година и тоа со една единствена желба – да не се посрамоти.

Без странско засилување и без двете најдобри македонски кошаркарки во моментов, Јелена Антиќ и Анѓелика Митрашиновиќ, жолто-црвените се свесни дека шансите за евентуална победа се микроскопски. Новиот селектор, Владимир Ѓоровиќ, смета дека неговите избранички се максимално подготвени, но дека никој однапред не може да каже што ќе се случи не само на оваа средба туку и во целиот квалификациски циклус.

„Атмосферата во тимот е извонредна, немаме здравствени проблеми, освен тие од пред почеток на циклусот, што значи дека ќе настапиме со сета сила со која располагаме во моментов. Одржавме два тренинга, го скаутиравме противникот и се подготвувавме да одговориме на нивниот начин на игра. Ние знаеме како треба да одиграме и верувам дека нема да се посрамотиме. За што ќе биде доволна нашата игра, тоа пред време не можеме да знаеме“, изјави Ѓоровиќ.

Ова е прв меч од ноемврискиот прозорец на ФИБА, во кој ќе одиграме уште еден меч и тоа в недела, на домашен терен, против Летонија. Во нашата група е уште и селекцијата на Хрватска.