КФСМ си го погази зборот: Кога не може Шкупи, тогаш и никој друг не може во елитата

Предводниците на македонската кошарка денеска донесоа неочекувана одлука Првата лига во следната сезона да брои 11 екипи, односно испразнетото место на Блокотехна да не биде пополнето од ниту еден друг тим, без разлика што пред само дваесетина дена покана за такво нешто добија неколку второлигаши, а изборот падна на – Ангели.

Причина за ваквата чудна и пред сѐ компромисна одлука на Управниот одбор (УО) на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) е желбата на „мала врата“ да се внесе во елитата тимот на Шкупи, кој како убедливо последен испадна минатата сезона. Новоназначениот комесар за натпреварување, Лазар Гечевски, во последниот период неочекувано притискал да се игра бараж-дуел помеѓу веќе промовираниот прволигаш Ангели и тимот од Чаир, кој две сезони по ред е убедливо најлош, но упорно бара можност за административно враќање во друштвото на најдобрите.

Тоа не било прифатено од екипата од Кисела Вода, која водена од информациите од КФСМ дека сигурно ќе игра во Првата лига веќе почнала и да се подготвува за еден ваков проект, чии челници дури се заканиле со тужби за предводниците на макбаскетот. Тужби најавиле и луѓето од Шкупи, повикувајќи се на одредени членови од Пропозициите за натпреварување, но без да објаснат како замислуваат пак да играат со најдобрите кога минатата сезона два меча загубија службено, што автоматски носи казна преселба во најнизок ранг.

Исплашени од можната правна заврзлама, членовите на УО на денешниот состанок, со два воздржани гласа, решија да го погазат дадениот збор на Ангели, а се охрабрија да му кажат не на Шкупи. Така, следната сезона во Првата лига ќе играат 11 тима, со тоа што во сезоната 2020/21 најдоброто кошаркарско натпреварување ќе брои 10 екипи, што според нив е идеалната бројка според квалитетот со кој располага македонската кошарка.

Но, со оглед на многуте „пишман“ ситуации и одлуки на луѓето кои од неодамна се грижат за доброто на македонската кошарка, а на чие чело е Перо Антиќ, воопшто нема да биде изненадување ако дојде до нова промена во правилата. Со оглед што до почетокот на новиот шампионат има уште 20-тина дена, воопшто нема да биде изненадување ако слушнеме некој нов „бисер“ од кујната на новиот комесар Гечевски.