Во еден од најгрдите натпревари за гледање на Светското првенство (СП) во Кина, селекцијата на Франција со голем пресврт во „малото финале“ ја совлада Австралија (67-59) и ја одбрани бронзата од пред пет години на Мундобаскетот во Шпанија.

Тогаш „галските петли“ беа подобри од Литванија, а денеска по голема борба ги спречија „кенгурите“ да дојдат до историскиот прв медал на едно големо натпреварување. Австралијците беа многу блиску до тоа, бидејќи доминираа во поголемиот дел од мечот, а во 23. минута имаа предност од дури 15 поени (38-23). Но, до крајот на третата четвртина, Французите со серија 19-6 намалија на само минус два (42-44), за со дополнителна низа 8-2 на стартот од последниот период да дојдат до водство (50-46), кое потоа го задржаа до самиот крај.

Нандо Де Коло со 19 поени беше најпрецизен кај Франција, додека Еван Фурние постигна 16 поени, а Џо Инглс со 17 поени беше најефикасен кај Австралија. Покрај бронзениот медал, можеби позначајно за „петлите“ е што со влезот во полуфиналето изборија и директен пласман на Олимписките игри в година во Токио, каде што ќе се најдат и „кенгурите“ како утешна награда за останувањето без медал.

Името на новиот светски шампион ќе биде познат по финалната пресметка помеѓу Аргентина и Шпанија (14 часот).