Кармата е зезната: Антиќ го прави истото за што жестоко „плукаше“ по Пеце (ФОТО)

Перо Антиќ пред да биде избран за претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), беше жесток критичар на својот претходник, Петар Наумоски, за кого напиша голем број постови на социјалните мрежи, напаѓајќи го за милион работи од кои (нај)голем дел и самиот ги – повтори.

Кармата е зезната работа, поради што секогаш треба да се внимава на постапките и на кажаното во јавноста, бидејќи тоа еден ден може како бумеранг да ви се врати. Таквиот период полека доаѓа за поранешниот троен европски шампион, особено по неодамнешната прес-конференција на која јавно се огради од неуспехот на репрезентацијата да се пласира на ЕП 2022, префрлајќи ја вината на актерите на паркетот.

„Не размислуваме за оставка. Ги направивме сите потребни работи, но ние не можеме да влеземе во теренот и да постигнуваме кошеви“, изјави, меѓу другото, Антиќ пред некој ден.

Но, поради истата работа, лошиот настап на националниот тим во претквалификациите за СП 2019, тој жестоко го нападна Наумоски, иако и тој, како претседател на КФМ, ги направи сите потребни работи и не можеше влезе на теренот да постигнува кошеви.

„По секој неуспех, никогаш не е твоја вина, туку на играчите и на стручниот штаб. Ја упропасти кошарката, хемијата како и целата репрезентација. Ти и девојчето (тогашниот ген-сек Моника Гавриловска-н.з.) ако имате доблест под итно ќе излезете од кошарката и нема да се враќате“, напиша Антиќ кон крајот на септември 2017 година.

Истото се случи и една година претходно, во квалификациите за ЕП 2017 кога „Небитниот“; како што беше тогаш „партизанскиот псевдоним“ на Антиќ, удри со „дрва и камења“ по тогашното раководство за резултатот на играчите на паркетот. Иако и тогаш, тие направија сѐ што требаше и не можеа да влезат на терен да даваат кошеви.

„Треба да се погледнат во огледало и да се засрамат за сѐ што направија и што уништија во краток период. Нешто што ни требаше долг период да ја вратиме кошарката од Б дивизија до четврти во Европа“, напиша сегашниот прв човек на КФМ во септмеври 2016 година.

Јавните препукувања на Антиќ со Наумоски почнаа една година претходно, за време и по настапот на ЕП 2015 во Загреб, кога тој сѐ уште беше активен кошаркар, посочен како еден од виновниците за лошиот настап (една победа и четири порази) поради не прифаќањето да игра за Македонија. Оттогаш на социјалните мрежи „летнаа“ многу тешки зборови, на кои Пеце потоа одговараше преку интернет-страницата на КФМ и така во круг, но за работи кои како да се повторуваат сега.

Дури и својот мандат, Антиќ го почна во стилот на Наумоски, со постапка речиси идентична на смената односно не продолжувањето на договорот со Александар Џикиќ, кој претходно успешно ги мина квалификациите за пласман на ЕП 2015. Кога дојде на власт, сегашниот предводник на макбаскетот направи речиси идентична грешка во чекори, откако не го продолжи договорот со Јорданчо Давитков, кој дотогаш успешно ги водеше жолто-црвените низ двата претквалификациски циклуси и ја врати Македонија меѓу 32-те најдобри селекции во Европа.

И за кого, само две години претходно, јавно кажа дека „има само најпозитивно мислење“. Ама опозициското расмислување на Антиќ се покажа како драстично поразлично од тоа што го има откако се дофати до власт.

И.К.