Драма во Нанџинг: Австралија ги среди „петлите“ и избегна четвртфинале со САД!

Во максимално изедначен и фантастично ефикасен натпревар, кошаркарите на Австралија ја добија драмата со Франција (100-98) за продолжување на низата без пораз на Светското првенство (СП) во Кина, а со тоа и за првото место во групата Л.

Тоа беше голема борба во која „кенгурите“ подобро се снајдоа и дојдоа до посакуваната победа која би требало да им донесе далеку полесен четвртфинален противник. Ако селекцијата на САД го победи Бразил како што се очекува, тогаш Австралијците ќе играат против Чешка, а на Французите ќе им падне задачата да се исправат пред Американците во првиот круг од нокаут-фазата на Мундобаскетот.

Пети Милс со 30 поени беше најпрецизен во победничкиот тим, додека Џо Инглс постигна 23, а Арон Бејнс 21 поени. Еван Фурние со 31 поен беше најдобар кај Франција.