Кошаркарите на Србија завршија како петтопласирани на Светското првенство (СП) во Кина, откако попладнево ја совладаа селекцијата на Чешка (...) во последната пресметка на Мундобаскетот, која најверојатно ќе биде и последна на Александар Ѓорѓевиќ како селектор на „орлите“.

Причина за неговото најавување заминување е фактот што српската селекција во Азија дојде по златото, по низата од десет победи по ред во пријателските средби и четирите убедливи победи на почетокот од првенството, но дома си заминува без медал. Поразите од Шпанија и Аргентина скапо ги чинеа српските кошаркари, кои допрва ќе треба да ја објаснат причината за падот во играта и тоа во најважните моменти. Договорот на Ѓорѓевиќ заврши со последниот звук на денешниот меч, а најавите се дека најсериозни кандидати за неговото место со Игор Кокошков и Саша Обрадовиќ.

Србите не дојдоа лесно до триумфот за петтото место, со оглед што на крајот од првото полувреме беа во негатива од дури девет поени (50-41). Но, во продолжението заиграа на ниво на селекција која со право се надева(ше) на златниот медал и буквално го сомеле ривалот, кој не знаеше од каде да се брани. Буквално сите во составот на Србија се разиграа, а на стандардни добриот Богдан Богдановиќ му се приклучија и Никола Јокиќ, Никола Милутинов и Стефан Јовиќ што беше доволно за убедлива победа на крајот. Доволен показател на моќта на „сините“ во вторите 20 минути покажува и конечниот резултат во второто полувреме од 49-31.

Богдановиќ заврши како најефикасен со 31 поен (седум тројки), Милутинов постигна 14 поени, Јовиќ 12, додека Јокиќ средбата ја заврши со седум поени, 13 скокови и седум асистенции. Патрик Ауда со 16 поени беше најпрецизен кај Чешка.

Претходно денеска, САД ја совлада Полска за пласман на седмото место, најлош за било која американска селекција во скоро седум децениската историја на Светските првенства. Мундобаскетот завршува утре, со средбите за бронзениот медал помеѓу Австралија и Франција (10 часот) односно за епитетот светски шампион помеѓу Аргентина и Шпанија (14 часот).