Кошаркарите на Шпанија вторпат во историјата ќе играат во финалето на едно Светско првенство (СП), откако утринава, по голема борба која траеше речиси два ипол часа, по две продолженија ја совладаа селекцијата на Австралија со 95-88 (22-21, 10-16, 19-18, 20-16, 9-9, 15-8).

Тоа беше дефинитивно најдраматичниот меч на Мундобаскетот во Кина, во кој двете селекции имаа свои шанси за триумф. „Кенгурите“ долго време же жалат за пропуштената шанса за историско финале, со оглед што Пети Милс промаши слободно фрлање за водство на четири секунди до крајот на регуларниот дел, а имаа и плус два пред последниот напад на противникот во првиот екстра период. На крајот пресуди искуството, пред сѐ тоа на Марк Гасол, кој беше незапирлив во последната четвртина и во додатните десет минути, како и на Серхио Љуљ кој постигна две големи тројки во второто продолжение за „одлепување“ на плус осум (90-82) на сто секунди до крајот.

Австралиските кошаркари подолго време беа во водство, имаа и плус 11 во третиот период (50-39), но не го издржаа налетот на „црвената фурија“ која во ниту еден момент не се предаде, ниту, пак, помисли да му овозможи на противникот лесно да го приврши натпреварот. Тренерот Серхио Скариоло со слична комбинирана одбрана (четворица во зона и еден фластер на Милс) како што ја победи Србија ја донесе својата репрезентација до триумф против Австралија.

Гасол средбата ја заврши со 31 поени од кои 20 постигна во четвртиот период и во продолженијата, додека Рики Рубио придонесе со 19 поени и 12 асистенции, а Љуљ реализира 17 поени. Милс со 32 поени беше најпрецизен кај „кенгурите“.

За Шпанија ова е шанса по 13 години пак да се закити со најсјајното одличје, откако беше светски првак на шампионатот во 2006 година во Јапонија. Противникот во последниот натпревар на Мундобаскетот во Кина ќе го добијат по второто полуфинале помеѓу Аргентина и Франција (14 часот).