Вујошевиќ со критики за репрезентацијата: Не ми се допаѓа пијаната банда

Поранешниот тренер на Партизан, Душко Вујошевиќ упати жестоки критики за однесувањето на репрезентативците на Србија на последниот ден од кошаркарскиот турнир од Олимписките игри.

Избраниците на Светислав Пешиќ победија во мечот за бронзениот медал, но временскиот простор од тој дуел, до церемонијата на доделувањето на одличјата го искористија за бурна прослава в кафеана и се вратија во видно алкохолизирана состојба. За нивното славје е посветен посебен дел во документарниот филм објавен неодамна, а Вујошевиќ имаше само критики на сметка на Никола Јокиќ и неговите соиграчи.

„Не ми се допаѓа излегувањето на пијаната банда на доделувањето медали. Ако имаш уште еден ден во животот, живеј го човечки и достоинствено, а не да се влечеш како свиња. Знам дека ќе имам многу напади поради оваа изјава, но јас така мислам, а морам да зборувам како што мислам“, искоментира Вујошевиќ во една телевизиска емисија.

Од спортски аспект, тој го пофали успехот на српската репрезентацијата која беше многу блиску и до финалето во кое ќе се сретнеше со Франција.