Прва меѓународна победа за ТФТ Скопје и тоа против Берое

ТФТ Скопје славеше победа од 80-75 против Берое во рамки на вториот натпревар во БИБЛ-лигата. Тимот од скопската населба Тафталиџе, кој сезонава дебитира Првата лига е пријатно освежување на македонската кошаркарска сцена.

Амбициите на овој мал тим очигледно се големи, бидејќи по премиерниот пораз од Куманово во Балканската БИБЛ-лига денеска ТФТ оствари премиерна победа на меѓународната сцена.

Откако Берое со серија од 13-0, дојде до двоцифрена предност во првата четвртина, ТФТ заигра подобро. Го бркаше водството на противникот до самиот финиш на полувремето, а на паузата замина со водство од 40-38. Ја задржа предност во најголемиот дел од третиот период, а во последната четвртина дојде и до опипливи +10. Не попушпти под притисокот на гостите и се избори за триумф од 80-75. 

Тајрон Херис со 25 поени и 10 асистенции го предводеше нашиот тим до победата, додека Лахлан Андерсон постигна еден поен помалку. Ракуан Мичел со 23 поени беше најдобар кај Берое. 

Следниот четврток ТФТ на домашен терен го пречекува Куманово.