Обрадовиќ: Дуда ми беше тренер, учител и пријател

Легендарниот кошаркарски тренер Душан Дуда Ивковиќ почина минатиот четврток, а вчера во Белград се одржа комеморација во негова чест. 

Жељко Обрадовиќ одржа емотивен говор за неговиот покоен пријател со кого соработуваше долги години и како кошаркар, но потоа и како тренер.

„Човек кој ми значеше сè повеќе не е со нас, тренер, учител, пријател. Тој ми беше сè, но не само на мене. Неговото наследство е огромно. Тој едуцираше и израсна плејада кошаркари и сите ќе се согласат дека Дуда им помогна да станат подобри луѓе. Јас бев еден од тие привилигирани“, рече Обрадовиќ.

Сегашниот тренер на Партизан играше за југословенската репрезентација во 1988 година на Олимписките игри, кога селектор беше Ивковиќ и освои сребрен медал, а потоа стана светски прван две години подоцна. 

Потоа повторно соработуваа во југословенската репрезентација, Обрадовиќ како тренер, а Ивковиќ како директор на националниот тим и во 1996 година освоија сребрен медал на ОИ во Атланта и злато на СП во 1998 година, како и уште едно злато и бронза на ЕП во 1997 и 1999 година. 

Погребот на Ивковиќ ќе биде денеска во Белград.