„Никогаш нема да ја заборавам Македонката која прва ми соопшти дека Дражен е мртов“!
Назад се враќаат мислите од кобното утро на 7 јуни 1993 година и начинот односно местото на кој сите ја дознале трагичната вест дека Дражен повеќе не е меѓу нас. Секако најтраорно е сеќавањето на неговата мајка Бисерка, која за серијалот „Мајки шампиони“ се потсетува на моментот кога и соопштиле дека нејзиниот син загинал во сообраќајна незреќа во Германија.
„Не можам да верувам дека годинава ќе го прославувавме 60. роденден на мојот Дражен. Тоа, тоа нема да го направиме поради тој кобен 7 јуни 1993 година, кога чекав повик од мојот син, бидејќи имаше обичај да ми се јави кога ќе мине дел од патот. Во еден момент телефонот заѕвоне и јас помислив дека е тој, но не беше. Од Германија се јавуваше некоја Македонка, чиј глас ќе го паметам додека сум жива, која на хрватски јазик прво ме праша дали е тоа станот на Петровиќ, а потоа и дека Дражен загинал во сообраќајна незгода. Само почнав да плачам, слушалката ми падна од рацете и во таква состојба тргнав кон балконот. За среќа во станот беше и мојот сопруг, кој успеа да ме сопре во намерата. Тоа беа најтешки денови во мојот живот. Следуваше погребот на кој дојдоа илјадници луѓе“, вели Бисерка Петровиќ.
Неколку дена подоцна, кога се смирила гужвата, одејќи на гробот на Дражен неговата мајка сретнала човек чии зборови засекогаш останале запишани во нејзината глава.
„На гробот сретнав непознат човек кој ми кажа: 'Вие сте го родиле, но тој ни припаѓа на сите нас. Тој е наш Дражен'. Тие зборови никогаш нема да ги заборавам. И сега често одам на неговиот гроб. Среќна сум што и после толку време луѓето сѐ уште го сакаат и го ценат. А и како да не го сакаат кога направи толку многу за кошарката на овие простори“, завршува мама Бисерка.
Петровиќ смртно настрада во близина на Минхен како сопатник во голф чиј возач не ја прилагодил брзината кон условите на патот. Имаше 29 години. Денеска во негова чест во Загреб ќе се одигра ревијален натпревар помеѓу репрезентацијата на Хрватска и „Тимот Дражен“ за кој меѓу другите ќе настапи и нашиот Ненад Димитријевиќ.