Мекиќ и Задар повторно се шампиони на Хрватска
Во „мајсторката“, Задар оствари убедлива победа со 93-66 и ја потврди доминацијата во домашната кошарка каде втора година по ред е првак, а во меѓувреме го освои и трофејот во Купот. Пред повеќе од 8.000 навивачи во арената „Крешимир Ќосиќ“, задрани доминираа од првата до последната минута и апсолутно заслужено се закитија со уште еден шампионски трофеј.
За Задар тоа е вкупно 11. шампионска титула во неговата историја, а петта од осамостојувањето на Хрватска и првпат успеа да го одбрани трофејот.
Убедливо најдобар играч во финалната серија беше Лука Божиќ кој вечерва постигна 19 поени, 9 асистенции и 6 скока. Со трофеј се закити и македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ кој вечерва на теренот помина 15 минути и реализира пет поени, еден скок и една асистенција.