Лукајиќ: За жал немав(ме) играчи кои знаат како да решат натпревар!

Долго време делуваше дека Жељко Лукајиќ ќе има деби од соништата на клупата на МЗТ Скопје, со оглед на одличната игра и водството од 19 разлика на неговиот тим во третиот период од дуелот со Морнар, но тоа сѐ падна во вода по катастрофалниот финиш кој донесе трагичен пораз.

Сино-белите го загубија можеби клучниот меч за опстанок во АБА-лигата и тоа поради фактот што клучните играчи не ја презедоа одговорноста во моментите кога се решаваше мечот.

„Тешко е да се зборува по ваков пораз, кога ќе загубите добиен меч. Прво што паѓа во очи се 18. загубени топки, што е огромен број. Но, и на тие загубени топки имавме шанса да победиме. Се виде енергија и желба за победа, но мора да научиме како да добиваме мечеви. Немаме течност во нападот, мора да поразговарам со плејмејкерите и да најдеме ситуација како да дојдеме до лесни поени. Мора играчите да разберат дека како што доаѓа крајот, мора да ја преземат одговорноста. Најдобрите шутери не погодуваа слободни фрлања. Имавме желба и енергија, но немаше храброст. Немаше никому да му се откине главата ако не се постигнеше кош ако се одиграше кошаркарски. Сакам да им се извинам на навивачите за ваквото издание и да им се заблагодарам за поддршката која беше феноменална. Им ветувам дека напорно ќе работи нешто вакво да не ни се повтори во иднина“, изјави наследникот на Александар Тодоров на клупата на „металците“.

Првата шанса за деби триумф, Лукајиќ ќе ја има задутре кога МЗТ Скопје ќе му гостува на Кожув во последниот меч од 9. коло од Првата лига.