Добра вест за МЗТ: Повредениот Кук ќе паузира двојно помалку од очекуваното!

Во период кога не се случуваат премногу добри работи во таборот на МЗТ Скопје, со оглед на серијата од седум порази по ред во АБА и синоќешната катастрофа кај Партизан, денеска доаѓа делумно добра вест поврзана со едно од последните засилувања, Американецот Кеандре Кук.

Според информациите од клубот, бекот-шутер кој се повреди по само пет минути од дебито во сино-белиот дрес ќе паузира двојно помалку од очекуваното. Синоќешните првични прогнози беа дека поради скинат лигамент во рамото ќе отсуствува од теренот најмалку еден месец, за да по денешните лекарски прегледи во Скопје овој период се преполови.

„Проценките на лекарскиот тим на клубот велат дека тој би бил надвор од тимот најмногу две недели. Тоа значи дека по неколку дена би можел да почне со лесни тренинзи, поради што се надеваме дека би бил подготвен да им помогне на соиграчите веќе на гостувањето кај Студентски центар, закажано за 28 јануари во Подгорица“, велат од клубот.

МЗТ Скопје е последен на табелата во АБА со скор 2-13, во пресрет на следниот меч од јадранското натпреварување, веќе в сабота на домашен терен против Будуќност (17 часот).