АБА-лигата воведе нови правила за сезоната 2021/2022

Регионалното кошаркарско натпреварување АБА-лига во новата сезона 2021/2022 година ќе игра по ФИБА-правила и во плејофот ќе учествуваат шест, наместо како досега само најдобрите четири екипи од регуларниот дел од сезоната. 

Првите два тима сезонава ќе одат директно во полуфиналето во плејофот, додека тимовите од третото до шестото место ќе разигруваат за последните две места. Третопласираниот тим ќе игра против шестиот, додека четвртопласираниот со петтиот. Победникот ќе биде одлучен во два добиени натпревари, каков што ќе биде принципот и во полуфиналето, додека финалето традиционално се игра во три добиени натпревари.

Управниот одбор на АБА-лигата на синоќешниот состанок одлучи да им додели две вајлд-карти за настап на Златибор и Широки во АБА2-лигата. Второто по ранг натпреварување сега ќе брои вкупно 14 тимови, меѓу кои се и македонските претставници МЗТ Скопје и Пелистер.