АБА лигата покажа како ќе изгледа трофејот - „Дејан Милојевиќ“ (ФОТО)

Веста за смртта на легендарниот српски кошаркар, Дејан Милојевиќ го растажи целиот кошаркарски свет. АБА лигата реши на посебен начин да му оддаде почит.

Од тековната сезона најкорисниот играч во регионалното натпреварување (МВП) ќе го добие трофејот „Дејан Милојевиќ“.

„Од оваа година наградата ќе го носи името на Дејан Милојевиќ, легендата на АБА лигата и еден од најсаканите кошаркарски личности на овие простори. Самиот трофеј не наликува на неговиот истоименик бидејќи за нас беше важно трофејот само да ја симболизира извонредната кариера на Милојевиќ и да има детали на него што се однесуваат на некој дел од патувањето на Милојевиќ во АБА лигата, како и на неговите најголеми вредности и силни страни“, стои во соопштението од АБА лигата.

Милојевиќ во АБА лигата играше во дресот на Будуќност и Партизан, а три години по ред го освојуваше МВП трофејот.