Паника во Орегон: Портланд може да остане без НБА тим

Иднината на Портланд Трејл Блејзерс повторно е една од главните теми во НБА, откако познатиот американски новинар и аналитичар Бил Симонс изрази сериозна загриженост дека франшизата би можела да се пресели во друг град во наредните години.

Причина за ваквите шпекулации се преговорите меѓу новите сопственици на клубот и градските власти околу иднината на „Мода Центар“. Сегашниот договор за користење на арената истекува во 2030 година, а двете страни засега не успеваат да најдат заеднички јазик околу финансирањето на големата реконструкција на објектот.

Симонс смета дека новиот сопственик Том Дандон би можел да ја искористи оваа ситуација како повод за преселување на клубот, а како најсериозен кандидат за нов дом се споменува Канзас Сити. Градот веќе располага со модерна арена и со години се обидува повторно да добие НБА франшиза, поради што често се споменува како потенцијална дестинација за евентуална релокација.

Според Симонс, целата ситуација потсетува на преселбата на Сиетл Суперсоникс во Оклахома Сити во 2008 година и смета дека НБА треба внимателно да ја следи ситуацијата за да не дозволи уште една франшиза со богата традиција да го напушти својот град. Тој јавно ги критикуваше и сопствениците на клубот, оценувајќи дека односот кон навивачите и градот не е на нивото што го заслужува една од најпрепознатливите франшизи во лигата.

И покрај сè, засега нема официјална одлука за преселување на Портланд. Преговорите меѓу клубот и градските власти продолжуваат, а многумина веруваат дека ќе биде пронајдено решение со кое Трејл Блејзерс ќе останат во Орегон и по 2030 година.