Не е готово: Далас експлодира - го растури Бостон со 38 разлика (ВИДЕО)

Очекувана беше реакцијата на играчите на Далас Маверикс по трите порази во финалето од НБА лигата, но малкумина веројатно очекуваа дебакл на Бостон во четвртиот меч.

За разлика од првите три, сега се му одеше од рака на тимот од Тексас, па го извади целиот гнев и славеше со 38 поени разлика (122-84). Со тоа, не само што избегна „метла“, туку ја оствари третата највисока победа во меч од финалната серија во историјата на НБА лигата која сепак ништо нема да значи ако в понеделник Бостон пред своите навивачи стави крај на оваа сезона и ја освои првата титула по пауза од 16 години.

Дека на Бостон му се подготвува дебакл, можеше да се претпостави уште во првото полувреме кое Далас го доби со 61-35 за веќе во воведните минути од третиот квартал разлика да отиде над 30 поени. Гостинските кошаркари воопшто не изгледаа заинтересирани да направат нешто и да се изборат за попристоен пораз, па во последната четвртина воопшто и немаше борба и покрај обидите на тренерот Џо Мазула некако да ја разбуди својата екипа. На крајот, дури Бостон може да биде среќен што избегна тотална катастрофа затоа што највисоката предност на Далас изнесуваше 48 разлика (115-67).

Лука Дончиќ повторно беше најдобар играч во својот тим, сега со 29 поени, 5 скока и 5 асистенции, Ирвинг додаде 21 поен, а Хардавеј 15. Тејтум со 15 поени беше прв стрелец на Бостон кој за два дена ќе ја има втората шанса за титула.