Чарлс Баркли: НБА-лигата нема да продолжи

Легендарниот кошаркар и актуелен стручен аналитичар на телевизијата „ТНТ“, Чарлс Баркли вели дека НБА-лигата сезонава нема да продолжи да се игра во Дизниленд, Орландо, како што беше претходно утврдено.

Баркли беше гостин на подкастот на Ерни Џонсон и зборуваше за рестартот на сезоната.

„НБА нема да продолжи, тоа е моето мислење“, рече Баркли. „Секако дека тоа боли, бидејќи знам дека многу луѓе ќе останат без своите работи и дека проблемите ќе се нижат еден по друг. Ова што се случува на Флорида, ја прави едно од најлошите места на светот, а таму треба да дојдат 22 тима. Едноставно не гледам како ќе се случи тоа во следните три месеци, невозможно е“, смета поранешниот кошаркар на Филаделфија и Феникс.

Последните информации во американските медиуми велат дека бројката на новозаразени лица со ковид-19 на Флорида се зголемува енормно, а само денеска има нови 10.000 позитивни случаи. Вкупната бројка на позитивни лица во државата Флорида изнесува 200.000 лица.

Со вакви бројки навистина е тешко дека НБА-лигата ќе има рестарт во Дизниленд на 31 јули.