Бруклин и без најдобрите во плејофот, Дурант без капка пот си „лапна“ - милион долари (ВИДЕО)

Екипата на Бруклин нетс игра без дури осумина од најдобрите играчи на завршницата од НБА-лигата во Орландо, но тоа не ги спречи со синоќешната победа над Сакраменто кингс (119-106) да обезбедат пласман во плејофот.

Еден од најсреќните на овој успех на „мрежичките“ беше новото засилување, Кевин Дурант, кој поради повреда не одигра ниту еден натпревар сезоната, но тоа нема да го спречи да си „лапне“ бонус од милион долари, кој му следува според договорот за секое учество на тимот во доигрувањето. Покрај него, во составот на „нетси“ ги нема ниту Кајри Ирвиг, Деандре Џордан, Чендлер, Принс, но и покрај тоа се во игра дури и за седмата позиција на Истокот.

Карис Леверт со 22 и Херис со еден поен помалку беа најпрецизни кај Бруклин, додека на „кралевите“ од Калифорнија не им помогна ниту новата одлична партија на Богдан Богдановиќ. Србинот средбата ја заврши со 27 поени (11/19 шут од игра).

Пласман во плејофот обезбеди и Орландо меџик и покрај поразот во пресметката со Филаделфија (101-108). Прв неуспех по рестартот на сезоната претрпе и актуелниот шампион Торонто репторс, кој убедливо загуби од Бостон селтикс (100-122), што значеше и крај на серијата од три победи во Орландо. Сега само Феникс санс нема пораз на Флорида, каде се доигрува ова издание на НБА-шампионатот.

РЕЗУЛТАТИ: Бруклин – Сакраменто 119-106, Филаделфија 76 – Орландо 108-101, Њу Орлеанс – Вашингтон 118-107, Торонто – Бостон 100-122.