Бостон го освои Медисон Сквер Гарден за осма победа по ред (ВИДЕО)

Дербито на вечерта во НБА лигата се одигра во Њујорк каде Никс го пречекаа Бостон Селтикс, но не успеаја да запишат победа.

Гостите славеа со 116-102 за осми триумф по ред со кој се зацврстија на првата позиција во Источната конференција со дури девет победи повеќе од второпласираниот Кливленд. Првата ѕвезда на Селтикс, Џејсон Тејтум немаше своја вечер и постигна „само“ 19 поени, но затоа блескаше Џејлен Браун кој го заврши мечот со 30 поени.

На Никс не им помогна одличниот Брансон кој реализира 34 поени затоа што не доби соодветна поддршка од соограчите. Далеку зад него остана Џош Харт со 16 и Донте Дивиченцо со 12 поени.

Њујорк поминува низ тешка фаза на резултатски план и ноќеска го претрпе петтиот пораз во последните шест натпревари. Засега тоа не влијае на пласманот на табелата и се уште е четврти на Истокот, но опасно му се приближуваат ривалите, па седмопласираниот Орландо е на само две победи заостанување.

РЕЗУЛТАТИ
Детроит - Орландо 109-112
Њујорк - Бостон 102-116
Минесота - Бруклин 101-86