Австралиска НБА ѕвезда купуваше по еден автомобил неделно, па сега е – шворц!

Австралиската НБА ѕвезда Бен Симонс е последен во долгата низа на кошаркарски ѕвезди кои прелесно го потрошија богатството заработено во најсилната кошаркарска лига, а според последните информации, овој доскорешен кошаркар на Филаделфија Севентисиксерс е шворц.

Симонс одби да игра за Филаделфија во новата сезона, па поради тоа трошоците му дојдоа преку глава, а заработка нема и сето тоа е поради расфрлањето на пари додека играше, купуваше куќи, а автомобили на секоја една недела.

„Од многу веродостојни извори имам информација дека Бен Симонс е шворц. Му снема пари. Губи многу пари поради неактивниот статус, а трошеше – премногу. Купи куќа од 17,5 милиони долари, ама сега се тука големите и многу даноци што треба да ги плати. Плус има две куќи во едно предградие на Филаделфија, кои вредат осум или девет милиони, па секоја недела купуваше автомобили од 400-500 илјади долари. Трошеше пари мислејќи дека не може да ги потроши до крај на животот, а сега една многу релевантна личност ми кажа дека повеќе нема пари. И запаметете, не е платен за да биде неактивен. Штом вака се однесува нека загуби се, а веројатно сега ќе мора да се врати на паркетот само за да има приходи“, вели новинарот Хауард Ескин.

Симонс е трикратен ол-стар играч, кој пред две години потпиша петгодишен договор вреден 170 милиони долари, а досега од тој договор заработи 90 милиони, па скоро неверојатно делува како успеа за така кратко време да потроши сѐ.