Американски кошаркари побараа од Шекил да им организира тепачка со – браќата Јокиќ!

Доскорешните НБА кошаркари, близнаците Маркус и Маркиф Морис, јавно ги предизвикаа Страхиња и Немања Јокиќ – постарите браќа на НБА ѕвездата Никола Јокиќ – на боксерски меч.

Предизвикот е кулминација на долгогодишна тензија што започна пред четири години, кога Маркиф, тогаш играч на Мајами, влезе во физички конфликт со Никола на терен.

„Колку се поголеми, толку потешко паѓаат. А и ние сме големи. Јас сум дури и поголем од нив“, изјави Маркиф Морис, додека неговиот брат Маркус се согласи и заедно испратија порака дека се подготвени за меч со браќата Јокиќ.

Во студиото каде беше направена изјавата присуствуваше и легендарниот Шекил О’Нил, кој дури изјави дека би можел да го организира овој спектакл. Војната меѓу двете семејства започна во 2021 година, кога Никола Јокиќ го турна Маркиф Морис на натпревар меѓу Денвер и Мајами. Потоа, Маркус Морис му се закани на Јокиќ преку Твитер, по што Страхиња и Немања креираа профил на мрежата и му одговорија остро.

„Маркусе, требаше да оставиш сè како што беше, наместо да му се закануваш јавно на нашиот брат. Твојот брат почна прв. Ако сакате да одите чекор понатаму, знајте дека ве чекаме“, стоеше во нивниот твит потпишан со „Браќата Јокиќ“.

Страхиња Јокиќ, кој има 43 години, е најстар од тројцата браќа, а е познат по својот впечатлив изглед и често е сниман од ТВ камерите на натпреварите на Денвер. Тој беше во центарот на вниманието и минатата година, кога удри навивач на трибина за време на натпревар. Неговиот брат Немања (40), пак, има искуство во ММА борби. Браќата Јокиќ веќе имаат историја на бурни реакции од трибините, особено при инцидентот со играчи на Феникс кога се подготвуваа да влезат на терен.