Фенербахче ја прекина црната серија, Реал ѝ одржа лекција на ЦСКА

Вечерва во Евролигата беа одиграни неколку натпревари, а Фенербахче ја прекина серијата од два порази по ред и запиша триумф против Лион (88-72), додека Реал Мадрид беше подобар од ЦСКА Москва (97-81).

Лион беше рамноправен противник во првата четвтина, но турскиот тим притисна во втората четвртина и на полувреме замина со водство од 48-36.

Во второто полувреме Фенербахче играше сигурно, па без потешкотии славеше на крајот со 88-72.

Најдобар во победничкиот тим беше Владимир Штимац со 21 поен, додека кај Лион најефикасен беше Дејвид Лајти со 18 поени.

Реал Мадрид од самиот старт на натпреварот водеше против ЦСКА, но во првото полувреме „кралевите“ не направија посериозна разлика, па на паузата меѓу полувремињата заминаа со 52-48.

Сепак, рускиот тим како да загуби кондиција во второто полувреме, а тоа знаеше да го искористи шпанскиот гигант, кој со одлични две четвртини ги постави конечните 97-81.

„Кралевите“ до нов триумф ги предводеше Факундо Кампацо со 18 поени, додека Габриел Дек постигна 17 поени.

На останатите натпревари Басконија славеше против Зенит Санкт Петербург со 70-60, Панатинаикос го изненади Баерн Минхен со 87-75, а Барселона го совлада Макаби со 96-73.