Борусија му носи среќа на Олимпијакос: Кога „милионерите“ се во финале, Грците освојуваат титула

Навивачите на Олимпијакос имаат причина да се „крстат“ во традицијата пред завршницата од Евролигата оваа сезона.

Синоќа, тимот од Пиреја обезбеди пласман на завршниот турнир од елитното натпреварување каде лани не ја освои титулата за само еден поен. Оваа сезона, фановите на грчкиот клуб се надеваат дека ќе се повтори истото што се случи во 1997 и 2013 година.

Во двата случаја, во финалето од фудбалската Лига на шампиони се пласираше Борусија Дортмунд, а титулата во Евролигата ја освојуваше Олимпијакос. Практично, две од трите титули на „црвено-белите“ во Евролигата се во години кога Борусија Дортмунд играла во мечот за титулата од ЛШ.

Во 1997 славеа двата тима, Борусија во финалето го победи Јувентус со 3-1, а Олимпијакос беше подобар од Барселона. Вториот пат, пред 11 години, „милионерите“ загубија од Баерн на Вембли со 1-2, но Олимпијакос, со Перо Антиќ во составот, беше подобар од Реал Мадрид во финалето, исто така во Лондон.

Интересно е тоа што оваа година и Олимпијакос и Борусија за противник ќе го имаат Реал - кошаркарите во полуфиналето од Евролигата, а фудбалерите во финалето од Лигата на шампионите.