Вечните ривали на мегдан, Пелистер на домашен терен брка прво финале по 15 години

По вчерашниот прв филтер, денеска на програмата се полуфиналните дуели од Купот на Македонија чија завршница се игра во Битола.

Програмата ја отвораат вечните скопски ривали Работнички и МЗТ Скопје кои се среќаваат од 17 часот. Тоа ќе биде нивен втор дуел за помалку од еден месец откако неодамна се сретнаа во рамките на домашното првенство. Тогаш славеше Работнички и ја оствари првата победа против МЗТ Скопје по пауза од безмалку три години што веројатно ќе биде стимул за тимот на Горан Самарџиев вечерва.

МЗТ Скопје од лани е најтрофеен тим во Купот, а вчера имаше полесна работа во однос на својот ривал затоа што се сретна со Гостивар кој е најслаб тим во ова друштво. По лошиот старт на годината, аеродромци ја кренаа својата форма и веќе се во серија од шест победи во сите натпреварувања. Работнички има уште подолга низа, таа изнесува осум триумфи до моментов.

Подеднакво интересно се очекува да биде и во вториот дуел од полуфиналето во кој се среќаваат домаќинот Пелистер и Еуро Никел. Битолчани пред својата публика ќе го брка своето второ финале во Купот, прво по пауза од 15 години откако во 2009 стигна до мечот за титулата и загуби од Амак СП.

Еуро Никел има два триумфа во Купот, но последниот е остварен пред повеќе од една деценија. Адут на кавадарчани е тоа што неодамна го победија Пелистер пред неговата публика, а и покажаа дека се сериозен состав кој може да им ги помати сметките на „фаворитите“. Натпреварот меѓу Пелистер и Еуро Никел се игра од 19:30 часот.