Три скопски екипи не ги платиле долговите кон КФМ и нема да играат во Суперлигата!?
Од КФМ информираат дека за првпат е воведен систем на лиценцирање кој, покрај организациските и техничките услови, предвидува и задолжително исполнување на критериуми за финансиска дисциплина. Федерацијата наведува дека сите клубови биле навремено известени за правилата, роковите и обврските, а дополнително им биле овозможени и одредени олеснувања за да можат навреме да ги регулираат своите финансиски обврски.
Крајниот рок за исполнување на финансиските услови бил 15 јули, но и покрај тоа, ТФТ, Чаир и Маџари не ги исполниле критериумите, поради што Федерацијата донела одлука да не им издаде лиценца за настап во новата сезона.
„Оваа одлука не е насочена против ниту еден клуб, туку претставува доследна примена на Правилникот за лиценцирање и принципите на финансиска одговорност и еднаков третман на сите клубови“, се наведува во соопштението на КФМ.
Воедно, КФМ појаснува дека оваа одлука се однесува исклучиво на клубовите кои треба да настапуваат во највисокиот ранг во сезоната 2026/2027. За останатите натпреварувачки категории, Комисијата за лиценцирање сѐ уште ја обработува потребната документација, по што јавноста ќе биде дополнително информирана за донесените одлуки. Според актите, трите засегнати екипи имаат рок од седум дена за жалба на одлуката на Комисијата за лиценцирање, по што ќе се знае дефинитивно дали ќе останат надвор од суперлигашката конкуренција.
Тоа, ако се случи, ќе биде голем удар за макбаскетот со оглед што меѓу тимовите што не добиле лиценца се финалистот од плејофот во минатата сезона (Маџари), како и составот кој заврши прв на табелата пред плејофот (ТФТ).