Србиноски се враќа во Работнички, Радуловиќ го презема Кожув?!

Без разлика што првенството уште не е завршени и што МЗТ Скопје и Пелистер во следниот период во најмалку три, а најмногу пет средби ќе го дадат одговорот околу новиот шампион, останатите прволигаши веќе работат на формирање тимови за следната сезона, почнувајќи од најважниот дел – тренерот.

Гостивар веќе ја реши оваа енигма именувајќи го Љупчо Малинков за нов предводник од клупата, а според шпекулациите во кошаркарските кулоари, на добар пат да го направат тоа се и Работнички и Кожув. Зад 15-кратниот шампион е најлошата сезона во историјата, во која првпат се бореа дури и за опстанок, а загубија меч со 51 поен разлика, поради што управата на клубот сака целосна реорганизација под палката на квалитетно и проверено име, кој добро знае како да се работи во „Градски парк“:

Неофицијално, нов стратег на „центарци“ би требало да биде Марјан Србиновски, кој би се вратил во средината каде што ја почна тренерската кариера во 2007 година како помошник на Марин Докузовски, а две години подоцна и како шеф на стручниот штаб. Тој ги предводеше црвено-белите до 2011 година, а потоа имаше и кус престој во овој тим и четири години подоцна. Во меѓувреме работеше и во екипите на Торус, Кожув, Гостивар и на Куманово. Србиновски беше и селектор на Македонија, која ја предводеше на последниот настап на едно ЕП и тоа во 2015 година во Загреб.

Гевгеличани, пак, никако да се вратат во врвот од макбаскетот, каде што беа пред шест-седум години во времето кога бизнисменот Томица Главчев стоеше зад овој клуб. Сега, во Кожув се надеваат на враќање на старите патеки, а идеален тренер за такво нешто гледаат во Дарко Радуловиќ. Станува збор за поранешен предводник на Вардар и на МЗТ Скопје, со кој за кратко време дојде до тројна круна односно трофеи во Купот на Македонија, првенството и во Суперкупот. Тој по заминувањето од „Јане Сандански“ работеше извесно време на Косово, по што секако дека би сакал да се врати на домашна сцена.

Во меѓувреме, тренерското прашање најмалку за следните две сезони го реши и финалистот Пелистер, кој го обнови договорот со Марјан Илиевски.