Кошаркарите на Гостивар вторпат по ред на домашен терен го совладаа најтрофејниот во макбаскетот, тимот на Работнички (93-79), во меч од 11. коло од Првата лига по кој го осигураа второто место на табелата во пресрет на зимската пауза.

Гостиварци апсолутно заслужено дојдоа до бодовите, со оглед што беа во водство во речиси целиот натпревар. Клучната серија беше остварена уште во првата четвртина, кога домаќинот со 19-6 се „одлепи“ на плус 14 (27-13) кои се покажаа доволни за вкупно осмиот триумф сезонава. Центарци постојано се обидуваа да се вратат во мечот, но кога и да успеваа во тоа на сцена стапуваше некој од избраниците на тренерот Марјан Србиновски за да го анулира нивниот труд.

Ова воедно е и слатка одмазда на Гостивар за драматичниот пораз во првиот дел од сезоната во „Градски парк“, кога противникот буквално со звукот на сирената им ги „украде“ бодовите. Донован Доналдсон одново беше играч број еден со 25 поени, десет скока и седум асистенции, а огромна помош доби од Ѓорѓе Џелетовиќ, кој средбата ја заврши со 21 поен и осум скока. Хејден Лескот со 25 поени беше најпрецизен кај Работнички.

Екипата на МЗТ Скопје, пак, го потврди првото место на табелата пред новогодишните и божиќни празници со рутинската победа против својот младински состав, кој настапува под името МЗТ Скопје УНИ Банка (93-80). Ќе се памети дека „децата“ водеа на полувремето (47-43), но потоа повозрасните ги ставија работите на свое место. Ерон Харис со 22 поени и Ѓорѓе Милошевиќ со 19 поени, 12 скока и пет асистенции беа најдобри кај шампионот, додека Иван Волкановски со 19 поени беше најпрецизен кај „младинците“.

Останатите три средби се играат подоцна, а се среќаат Куманово и Академија ФМП, Кожув и Вардар односно Пелистер и Еуро Никел.