Шокантен пораз за Работнички, победа за Маџари вредна - плејоф!

Кошаркарите на Работнички беа шокирани од Гостивар со 66-68, додека Маџари успеа да го надигра Тиквеш со 91-81 во 16. коло од кошаркарската Супер лига.

Натпреварот меѓу Гостивар и Работнички почна израмнето (16-16), по што домашниот тим на паузата замина со четири поени предност (36-33).

Работнички со добра игра успеа да направи пресврт во третата четвртина (53-52), по што следеше голема борба во завршните 10 минути.

Двете екипи водеа голема битка на паркетот, но на крајот успеа да слави претпоследниот тим во лигата со 68-66, откако Столески во последната секунда ги постигна решавачките поени за Гостивар.

Најефикасен во победничкиот тим беше Роберт Рикиќ со 21 поен и 13 скокови, додека Јован Црниќ запиша 19 поени, четири скокови и четири асистенции.

Маџари моќно го почна дуелот против Тиквеш со 26-13, но кавадарчани возвратија во следната четвртина и ја стопија негативата зад ривалот на само два поени (38-40).

Скопскиот тим беше подобар во второто полувреме, иако Тиквеш се држеше до средината на последната четвртина (76-80), по што Маџари направи исчекор и славеше со 91-81.

Тери Армстронг беше најефикасен кај Маџари со 28 поени, три скокови и четири асистенции, додека Квинтон Минси постигна 27 поени, два скокови и една асистенција.