„Сами сме виновни за поразот, ама судијата Червенка беше – недостојно катастрофален!“

Третиот четврт-финален натпревар од завршниот турнир во Купот на Македонија, кој од денеска до задутре ќе се игра во Битола, помеѓу Работнички и ТФТ (68-75) ги донесе и првите искри, како на теренот во вид на пресврт и голема борба, така и по мечот со изјавата на тренерот на поразениот тим.

Боро Смилковски потенцира дека вината за неуспехот ја бара исклучиво во сопствените редови, но не можеше, а да не го искаже незадоволството од судењето особено од третиот судија, Јордан Червенка.

„Тоа беше добар меч во кој во најголем дел од првото полувреме ги контролиравме играта и резултатот. За жал, не продолживме во ист стил и по одморот. Непотребно влеговме во нервоза и покажавме лош карактер во моменти кога со тимска игра требаше да се извадиме од 'дупката' во која паднавме. Му честитам на Работнички на победата, но морам да нагласам дека во последната четвртина се соочивме со катастрофални судиски грешки, кои навистина не знам дали беа тендециозни. Тоа особено се однесува на судијата Червенка, кој во последен момент влезе во комбинација и кој воопшто не беше планиран за овој турнир. Факт е дека сами сме си виновни за поразот, но исто така е јасно дека еден од судиите вечерва не беше на нивото потребно за четврт-финален натпревар од Купот на Македонија“, изјави Смилковски.