Самарџиев: Победата ја осигуравме на полувремето – во соблекувалната!

Кошаркарите на Работнички го продолжуваат настапот на Купот на Македонија во обидот по пет години да го вратат овој трофеј во клупските витрини, каде што последен пат беше по успехот во 2019 година, откако по голема борба ја мина четвртфиналната пречка наречена ТФТ (75-68).

Тренерот Горан Самарџиев беше свесен дека неговите избраници не одиграа сјајно, но искажа задоволство од начинот на кој се вратија по негативата од 14 поени во првото полувреме.

„Не беше лесно да се победи ТФТ, кој одигра одлично во одбраната и беше првиот тим кој успеа да нѐ задржи под 80 поени. Но такви се Куп-натпреварите, знаат да бидат многу непредвидливи и тоа го знаат играчите, но и ние тренерите. Многу пати сум играл финале и сум освојувал трофеи, тоа ми помогна да ги мотивирам на полувремето и драго ми е што потоа ја игравме нашата игра. Одигравме просечен меч, но сепак славевме, иако немаше да биде незаслужено ако и ТФТ победеше. Сите го посакуваа полуфиналното дерби со МЗТ и верувам дека тоа ќе биде спектакл. Малку се истрошивме денеска, но мислам дека ќе бидеме 'фит' за предизвикот со најголемиот ривал. Ќе биде прекрасно да се видат двете навивачки групи после подолго време, се надевам дека дуелот ќе биде многу посетен“, изјави Самарџиев.

Средбата помеѓу МЗТ Скопје и Работнички ќе се одигра утре со почеток во 17 часот.